Јапонскиот милијардер Јусаку Маезава бара жена која ќе го придружува на првиот лет кон Месечината што го организира компанијата на Илон Маск, „Спејс Екс“.

Четириесет и четиригодишниот моден бизнисмен ќе биде првиот цивил кој ќе лета со ракета околу Месечината. Планирано за 2023, тоа ќе биде прво патување на луѓето кон Месечината од 1972 година.

Огласувајќи се преку својот сајт, Маезава, кој неодамна раскина со актерката Ајаме Горики, вели дека сака ова искуство да го сподели со една посебна жена, па затоа организира настан на спојување.

„Сакам да пронајдам животна партнерка. Со оваа идна партнерка сакам да ширам љубов и светски мир од вселената“, вели Маезава.

Аплицирањето трае до 17 јануари, при што тој објави и листа на услови, а одлуката ќе биде соопштена на крајот на март.

Богатството на основачот на онлајн компанијата за продажба на облека „Зозо“ се проценува на три милијарди долари. Не е познато колку ќе плати за карта за Месечината, но Маск кажа дека е многу скапо. Маезава најави дека со себе ќе поведе и група уметници.