Никола Јокиќ постигна 31 поен, 22 асистенции, што е негов личен рекорд и 21 скок во победата на Денвер Нагетс над Феникс Санс од 149:141 по продолженија. Српскиот кошаркар со тоа стана првиот играч во историјата на НБА-лигата кој остварил трипл-дабл со статистика 30-20-20.
„Не направив ништо посебно, само се чини дека сите играа многу течно“, изјави 30-годишниот Јокиќ.
Тоа беше неговиот 29. трипл-дабл учинок оваа сезона, а вкупно 159. во кариерата.
„Не можам да го опишам, затоа не ме прашувајте. Дечкото е неверојатен. Има многу добри играчи во лигата, но Никола е класа за себе“, изјави тренерот на Денвер, Мајкл Малоун.
(Фото: АП)