ЈУВЕНТУС ЈА ОСВОИ 9. ШАМПИОНСКА ТИТУЛА ПО РЕД, НО ТОА НЕ ГО ПРАВИ ЕДИНСТВЕН ВО ЕВРОПА

Торино, (Би-Би-Си)

Кристијано Роналдо им ја посвети деветтата едноподруго шампионска титула на фановите откако Јувентус синоќа ја совлада Сампдорија со 2:0 на две кола до крајот на сезоната во Серија А. Португалецот придонесе за победата со својот 31. гол оваа сезона, десетти откако таа продолжи по неколкумесечниот прекин поради пандемијата на коронавирусот.

„Пресреќен сум што продолжуваме да ја градиме историјата на овој голем клуб. Оваа титула им ја посветуваме на сите фанови на Јувентус, особено на оние кои страдаа или страдаат од пандемијата“, изјави Роналдо.

Јувентус со тоа стана прв клуб од петте најсилни европски лиги кој бил шампион девет години по ред, но моментално не е и единствен на континентот. Во ваква серија се и Селтик во Шкотска и Лудогорец во Бугарија, додека рекордот го држат Линколн од Гибралтар и Сконто од Летонија, кои ја освојуваа шампионската титула 14 години во низа. Баерн е на осум титули во серија.

Светски рекорд го држи Тафеа, кој беше шампион на Вануату 15 години по ред, од 1994 до 2009.