Како пример за хуманист, Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје, познат како Денис Космонаутко, влезе во учебникот „Граѓанска и политичка партиципација“. Ова е универзитетски учебник наменет за студентите по правни и политички науки.
Јанкуловски е претседател на здружението „Аутизам ААМК“ и секоја година во април во скопскиот Градски парк организира инклузивен настан за поддршка на децата со атипичен развој, а активен е и во текот на целата година со слични активности.
„Ова за мене е нешто големо, значајно, затоа што некој на овој начин го вреднува она што јас го правам. Ова е награда која е малку поразлична од сите претходни. Различноста е во тоа што јас преку учебников ќе бидам трајно присутен меѓу студентите и многу долго после мене ќе остане она што јас сум го направил, го правам и натаму ќе го правам. Ова е уште еден мотив да продолжам и понатаму на овој начин, со ова или со малку забрзано темпо“, ни рече Јанкуловски.
Учебникот, како што вели тој, не е само за студентите од правните и политичките науки.
„Материјалот обработува широки теми кои можат да ги засегнат и заинтригираат и невладините организации и сите граѓани кои сакаат да бидат вклучени и да дадат свој придонес во секојдневнието. Можат да дознаат како и на кој начин можат сето тоа да го направат“, додава Јанкуловски.

Вели дека бил многу возбуден кога за учебникот го известила проф. д-р Јасмина Трајкоска-Наумоска, која е и носителка на овој голем проект.
„Таа ми кажа уште некаде во март 2024, со зборовите: ‘Сега спремаме еден учебник за граѓанска и политичка партиципација. Ќе биде прв од тој вид кај нас и ќе ве има во него како пример за граѓански активизам’. Не ми се веруваше што читам. Веднаш ѝ кажав на сопругата, а ако ви се верува, и ден-денес е ‘не ми се верува дека ова ми се случува’. Радост, гордост, среќа се мал дел од чувствата кои преовладуваат, возбуда што ме има во учебник, што младината ќе може да дознае за моите и за нашите активности и се надевам дека ќе успеам да ги мотивирам да ги следат моите чекори“, вели Денис Јанкуловски.
Тој неодамна организираше инклузивен настан наречен „Пешачиме за поддршка“. Со прошетката низ Градскиот парк и по кејот на Вардар, на која се придружија и лица со атипичен развој, тој им даде мотив да се продолжи со дружбата секој викенд.
Во мај 2024, Јанкуловски ја промовираше авторската сликовница „Другарко“, со илустрации на Наташа Костовска. Заедно со кантавторката Мијата и децата од „Златно славејче“, тој ја сними песната „Гуш и бац“, која ја нарекоа инклузивна химна и е голем детски хит. И деца со посебни потреби учествуваат во песната и спотот.
М. ЏАРОВСКА