КАРОЛИНЕ ВОЗНИЈАЦКИ СЕ ВРАЌА НА ТЕНИСКИТЕ ТЕРЕНИ ПО ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ ПАУЗА

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Поранешниот светски рекет број еден Каролине Вознијацки објави дека се враќа на тениските терени по три и полгодишна пауза. Триесет и двегодишната данска тенисерка се повлече од терените по Отвореното првенство на Австралија во 2020, по кариерата во која освои 30 титули. Во меѓувреме доби две деца во бракот со бившиот НБА кошаркар Дејвид Ли.

„Во изминатите три години му се посветив на семејството, станав мајка и сега имам две прекрасни деца. Но, сè уште имам цели за остварување. Сакам да им покажам на моите деца дека можеш да ги бркаш своите сништа без разлика на возраста или улогата. Како семејство решивме дека е време. Повторно ќе играм и едвај чекам“, изјави Вознијацки.

Таа најави дека планира да игра на годинашниот Ју-Ес опен. Тениската асоцијација на САД објави дека ќе ѝ даде вајлд-карта.

„Уште колку долго можам да играм на највисокото ниво? Не знам, но знам дека за пет години ќе биде предоцна. Доколку не верував во себеси, немаше да го правам ова“, изјави Вознијацки, чиј најголем успех е освојувањето на Отвореното првенство на Австралија во 2018.