Астрономите вчера ја објавија првата снимка од вселенски феномен, за кој одамна знаевме дека постои, но досега не сме можеле да го видиме. Запознајте ја Кејти Боуман, 29-годишна научничка, чиј алгоритам овозможи да се создаде првата фотографија од црна дупка, оддалечена 500 милиони трилиони километри од Земјата. Неколку часа подоцна, Боуман стана вистинска интернет сензација.
Боуман сè уште била студент по компјутерски науки и вештачка интелигенција на Институтот за технологија во Масачусетс кога почнала да предводи проект кој работел на создавање компјутерски програм, што ќе ја овозможи историската фотографија. Боуман во тоа време не знаела многу за црните дупки, бидејќи нејзината специјалност не била астрофизика.
Црните дупки по дефиниција би требало да бидат невидливи, но тие оставаат сенка кога се во интеракција со материјата околу нив.
Глобална мрежа телескопи позната под името „Ивент хорајзон“ собрала милиони гигабајти податоци за далечната галаксија М87, но самото тоа не било доволно. Тука на сцена стапил алгоритамот на Боуман, кој помогнал да се рендерира фотографијата која го воодушеви светот. Процесот почнал во јуни, кога тимот на Боуман конечно дознал дали кодот што го има напишано може да го фати невидливото. Што постигнале, тие со светот споделија дури вчера.
„Беше навистина тешко да се молчи. Дури и на моето семејство му немав кажано за фотографијата. Ова беше заедничка работа на голем број луѓе од најразлични области и сите до еден заслужуваат еднакво признание“, изјави Боуман, која денес работи како асистент професор по компјутерски и математички науки на Калифорнискиот институт за технологија.