КЕВИН СПЕЈСИ МОРА ДА ПЛАТИ 31 МИЛИОН ДОЛАРИ ЗА ОТКАЗОТ ВО СЕРИЈАТА „КУЌА ОД КАРТИ“

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Кевин Спејси ќе мора да му плати 31 милион долари на студиото што ја правеше хит серијата „Куќа од карти“ поради прекршување на договорот, што уследи откако тој се соочи со обвинувањата за сексуално вознемирување. Тајната пресуда била донесена лани, но за неа се дозна дури вчера, откако студиото „МРЦ“ поднело судска петиција да си ги добие парите.

Повеќе лица го обвинија двократниот оскаровец за сексуално вознемирување од 2017 година, кога тој ја изгуби улогата на бескрупулозниот политичар во „Куќа од карти“, една од најпопуларните серии на „Нетфликс“ во тоа време и оттогаш малку се појавуваше во јавност. Спејси беше една од првите јавни личности обвинети за недолично однесување среде скандалот со Харви Вајнстин, кога движењето #MeToo добиваше на сила и тоа буквално му ја уништи кариерата кога беше на врвот.

„МРЦ“ и „Нетфликс“ го отпуштија Спејси од „Куќа од карти“, како резултат на што студиото изгубило милиони долари зашто веќе работело на нова сезона, стои во судските документи. Според „Вараети“, „МРЦ“ ја поднело тужбата во 2019, а осумдневно доверливо сослушување се случило во февруари 2020.