КИТ ФЛИНТ – ФРОНТМЕН НА „ПРОДИЏИ“ КОЈ ГИ ПЛАШЕШЕ ГЛЕДАЧИТЕ НА БИ-БИ-СИ И ЕМ-ТИ-ВИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Кит Флинт, една од најпрепознатливите фигури на британската техно сцена, почина на 49 години и неговите колеги од групата „Продиџи“ потврдија дека тој се самоубил викендов. Светот на музиката му оддава почит на Флинт, опишувајќи го како еден од пионерите и иноватори на електронската музика.

„Продиџи“, основана од Флинт и диџејот Лијам Хаулет, е најуспешната група која произлезе од есид хаус сцената од крајот на 1980-ите. Тие се запознале на рејв журка во 1989 година, кога Флинт го замолил Хаулет да му направи снимка. Таа била прифатена толку добро, што Флинт го охрабрил Хаулет да почне професионално да се занимава со музика. Така е родена групата „Продиџи“, во којашто Флинт во првите години беше само танчар.

Првите хитови дојдоа со вториот албум „Музика за извалканата генерација“ (Music for the Jilted Generation), кога во својата музика вклучуваат брејкбит и гитарски и хип хоп семплови, но она што ѝ донесе широка популарност на групата е моментот кога Флинт се фати за микрофон.

Кит Флинт стана фронтмен на групата на третиот албум (Фото: Гети)

Со своите панкерски имиџ и налудничав, демонски поглед, Флинт даде нова енергичност на настапите на „Продиџи“, додека неговиот бесен вокал ги обележа најголемите хитови на групата, неретко и контроверзни во исто време. Црно-белиот спот за „Firestarter“ беше забранет од Би-Би-Си откако гледачи се пожалиле дека им ги плаши децата, додека „Smack My Bitch Up“ Ем-Ти-Ви ја прогласи за непогодна за прикажување.

Ние бевме опасни и возбудливи. Сега никој не се однесува така и затоа на луѓето цело време им се сервираат комерцијални, генерички албуми, кои се пребезбедни“, кажа Флинт во едно интервју во 2015 година.

Флинт двапати гостуваше со „Продиџи“ и во Македонија: во 1995 на култниот Т-фестивал во Скопје, а пред три години одржаа концерт и во Охрид.