Останува нешто повеќе од еден месец до почетокот на последната, осма сезона на „Игра на тронови“, а магазинот „Ентертејнмент викли“ понуди ексклузивен увид во она што беше наречено најголема филмска битка досега снимена, што ќе го обележи финалето на серијата.

Вакви епски сцени не му се непознати на режисерот Мигел Сапочник, бидејќи ги сними епизодите во кои Ноќна стража се соочи со Белите шетачи, односно Џон Сноу против Ремзи Болтон, но вели дека ова не може да се мери со ништо.

„Сцената е снимана 11 недели, на неа работеа 750 луѓе и добивме битка која не може да се спореди ниту со 40 минути долгата битка од ‘Господар на прстените: две кули‘. Тоа ќе биде нешто многу долго, брутално, крваво и неверојатно“, вели Сапочник.

(Фото: Ејч-Би-О)

Во можеби најголемиот собир на важни ликови во серијата, оваа битка кај Винтерфел би требала да ги обедини Тирион, Бриен, Арја, Санса, Џон Сноу, Денерис, Џора, Хаунд и многу други.

„Тоа ми беше најнепријатното искуство во серијата, вистински тест. Одиш на спиење во седум наутро и кога ќе се разбудиш, толку си истрошен, што ништо не можеш да правиш, а потоа повторно мора да снимаш. Немавме никаков живот надвор од тоа“, изјави Ајан Глен (сер Џора).

Шесте последни епизоди се снимаа вкупно десет месеци и затоа очекувањата се многу високи.

„Фановите нема да бидат разочарани. Кога ќе видите толку многу важни ликови во една сцена, ќе добиете чувство како да гледате филм со суперхерои“, вели режисерот Дејвид Натер, кој сними три епизоди.