„МАЛИОТ БЕЛГИСКИ АЈНШТАЈН“ ЌЕ ЗАПИШЕ ДОКТОРСКИ СТУДИИ НА 12 ГОДИНИ

Брисел, (Брисел тајмс)

Лоран Симонс, кого го нарекуваат „малиот белгиски Ајнштајн“, ќе запише докторски студии на 12-годишна возраст, откако магистрираше квантна физика. Симонс планира да докторира на престижниот германски институт „Макс Планк“ во Минхен.

Ова момче од крајбрежниот град Остенде од мал го привлекува вниманието на белгиската и светската јавност: на шест години го заврши основното образование, а три години подоцна запиша факултет, студирајќи на Технолошкиот универзитет во Ајндховен. Дипломираше лани, на 11-годишна возраст, а во јули годинава заврши постдипломски студии на Универзитетот во Антверпен.

Симонс сега почнува ново поглавје, откако стажираше во истражувачката група Attoworld во Минхен, каде што со врвни научници работеше на ласери за откривање рак во крвта.

„На Лоран му се допаѓа таму, па одлучи да остане“, изјави неговиот татко Александер, не откривајќи за што ќе биде докторатот.

„Тоа ќе биде комбинација од хемија, медицина и физика. Постојано ќе биде во лабораторија. Тој не сака да се ограничува на едно поле на истражување“.

Лоран има коефициент на интелигенција 145 и неговите родители немаат објаснување како тој е способен да учи толку брзо.

„Уште првите професори на Лоран имаат забележано нешто навистина посебно во него. Тој беше тестиран за да се види распонот на неговите таленти и професорите ни кажаа дека е како сунѓер“, кажа Александер Симонс.

(Фото: ДПА)