Еден од најдобрите светски фудбалери Килијан Мбапе потврди дека ќе го напушти Пари Сен-Жерман по завршувањето на сезоната, кога ќе му истече договорот и би требало да стане слободен играч. Дваесет и петгодишниот француски репрезентативец подолго време се поврзува со Реал Мадрид, но минатото лето ги налути неговите челници откако одлучи да остане во Париз уште една сезона.
Иако му истекува договорот, се верува дека Мбапе нема да замине бесплатно. Тој има клаузула за едногодишно продолжување на договорот, па се очекува трансферот да вклучи обесштетување или играчот да се откаже од дел од своите финансиски побарувања.
Се проценува дека Мбапе заработува 200 милиони евра годишно.
ПСЖ плати 180 милиони евра за Мбапе откако го доведе од Монако во 2017, со што е вториот најскап фудбалер на сите времиња. Оттогаш постигна 243 гола на 290 натпревари, но ниту сензационалната тројка Мбапе-Меси-Нејмар не му беше доволна на ПСЖ да ја освои Лигата на шампионите, па овој мегапроект почна да добива нов облик.
Минатото лето, саудискиот клуб Ал-Хилал се обиде да го доведе Мбапе, нудејќи му на ПСЖ рекордни 300 милиони евра.
(Фото: АП)