МЕГАН МАРКЛ – ОД ХОСТЕСА ВО КВИЗ ДО АМБАСАДОР НА ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ И ПРИНЦЕЗА

Лондон, (Би-Би-Си)

Американка, разведена, актерка, од мешана раса, Меган Маркл доста се разликува од жените кои досега влегуваа во британското кралско семејство.

Таа, исто така, е амбасадорка на Обединети нации и гласен поддржувач на низа кампањи, пред сѐ, за еднаквост на половите и не сака бракот со принц да ја ограничува во тоа.

Принцот Хари, кој е петти во редот за наследување на круната, денеска изјави дека е многу возбуден што на пролет ќе се ожени со три години повозрасната Маркл.

Избирајќи ја Меган Маркл, принцот Хари не одеше по традиционалниот пат, па да ожени ќерка од познато аристократско семејство.

Принцот Хари избра да не оди по традиционалниот пат, па да ожени ќерка од познато аристократско семејство (Фото: Ројтерс)

Со татко белец и мајка Афроамериканка, таа пораснала во маало од средна класа во Лос Анџелес и учела во приватно католичко училиште.

На почетоците на својата актерска кариера, Меган пред 11 години била хостеса во еден популарен американски квиз, а јавноста денес, главно, ја препознава по улогата во хит-серијата „Одела“.

Тие се запознаа лани во Лондон преку заеднички пријател. Иако врската и официјално ја признаа во ноември 2016, потоа ретко се појавуваа заедно во јавност. Првиот заеднички одмор го поминаа во јануари во Норвешка. 

„Знаев дека таа е вистинската од првиот момент кога ја запознав“, кажа Хари, кој на Меган ѝ подари свршенички прстен дизајниран од него, што содржи два дијаманти, што припаѓале на мајка му, покојната принцеза Дајана.

Токму искуството од Холивуд може да ѝ помогне на Меган полесно да се навикне на живот, во којшто нема да има многу приватност.