Велика Британија го слави раѓањето на ново кралско бебе, откако војвотката и војводата од Сасекс, Меган Маркл и принцот Хари, утрово добија син.
„Многу сме возбудени. Меган и бебето се извонредно добро“, изјави принцот Хари, додавајќи дека сè уште немаат избрано име за бебето.
Бакингамската палата објави дека бебето е тешко 3,2 килограми и дека принцот Хари бил присутен на породувањето. Никој, дури ни Меган и Хари, не го знаеше однапред полот на бебето. Неговото прво појавување во јавност се очекува за два дена.
„Ова е првпат да присуствувам на чин на породување и тоа беше најневеројатното искуство што можам да го замислам. Многу сум горд на мојата сопруга“, додаде Хари.
Бебето ќе биде седмо во редот за наследување на тронот, а долгата листа ја предводи неговиот дедо, принцот Чарлс. Исто така, синот на Хари и Меган нема автоматски да стане принц, што треба официјално да биде одобрено од кралицата.
Хари и Меган се венчаа во мај минатата година и во октомври беше објавено дека таа е трудна. Преку мајката, бебето ќе има и британско и американско државјанство.