Фанови, колеги и славни личности се простуваат од Метју Пери, ѕвездата на серијата „Пријатели“, кој почина вчера на 54 години. Пери десет сезони го играше Чендлер Бинг во еден од најомилените и најуспешни ситкоми на сите времиња, но неговиот живот исто така го обележаа зависноста од алкохол, лекови и дрога и бројни обиди за рехабилитација.
„Пријатели“ се емитуваше од 1994 до 2004 година и последната, 234. епизода ја гледаа 52,5 милиони луѓе во САД, што ја прави најгледана епизода на ТВ-серија во овој век. Серијата, која освои шест награди Еми, го претвори Пери во глобална ѕвезда, која на врвот на популарноста заработуваше 1,1 милион долари по епизода.
Пери се преселил од Канада во Лос Анџелес во 1986, со надеж дека ќе стане славен, што би му помогнало да ги надмине проблемите од детството и созревањето.
„Ми требаше тоа. Бев убеден дека тоа е единствената работа која би ме средила“, изјави Пери своевремено.
Тој откри дека веднаш се препознал во серијата кога го прочитал сценариото за „Friends Like Us“.
„Кога го прочитав сценариото добив чувство како некој да ме следел сите овие години, ми ги крадел шегите и ги копирал моите манири. Еден лик особено ми одговараше. Јас не морав да го глумам Чендлер, јас бев Чендлер. Веднаш знаев дека серијата ќе биде успех“, кажа Пери.
Беше во право, но успехот кон кој толку се стремел не му ги реши личните проблеми и тој сѐ повеќе тонел во зависностите. Кога заврши снимањето на серијата, екипата и публиката беа во солзи, но Пери вели дека не чувствувал ништо.
„Не знам дали тоа беше поради опијатите што ги земав или зашто бев мртов одвнатре“, кажа Пери.
По така голем хит, на Пери и колегите им беше тешко да го повторат тој успех. Пери, кој во 2018 едвај преживеал операција на дебелото црево и две недели бил во кома, последните улоги ги оствари пред шест години.
(Фото: АП)