Холивудската актерка Мила Кунис е прогласена за жена на годината од театарската организација „Хести пудинг” на Универзитетот Харвард во Кембриџ, Масачусетс.
Кунис е почестена од најстарата театарска организација во државата, бидејќи, како што соопштија, таа е една од најбараните и највесели актерки.
Свеченоста ќе се одржи на 25 јануари, со парада по улиците на Кембриџ, на која Кунис, како што е традиција на настанот, ќе го добие садот со пудинг.

Кунис, родена во Украина, беше номинирана за Златен глобус за улогата на Лили во „Црниот лебед” во 2010 година.
Таа е, можеби, најпозната по двете телевизиски улоги, во „Луди 70-ти” и како гласот на Мег Грифин во анимираната серија „Семеен тип”.
„Хести пудинг“ именува жена на годината од 1951 година, а меѓу претходните добитници се Деби Рејнолдс, Елизабет Тејлор, Скарлет Јохансон, Ен Хатавеј, а лани добитничка беше Октавија Спенсер.
Мажот на годината за 2018 година сè уште не е објавен.