МНОГУ Е ПОЛЕСНО ДА СИ НЕПРИЗНАЕН УМЕТНИК, РЕЧЕ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ НА ОТВОРАЊЕТО НА ИЗЛОЖБАТА ЗА 50 ГОДИНИ КАРИЕРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Многу е полесно да си непризнаен уметник, ако си признаен, многу е потешко да ја одржиш уметноста, рече Влатко Стефановски сношти на отворањето на изложбата во Мала станица во Скопје, која е дел од славењето на 50 години од почетокот на неговата кариера.

Изложбата е поставена во рамките на 10. издание на фестивалот на музички документарни филмови Скопје синема сити. Фотографиите од многу настапи на легендарниот гитарист од времето на „Леб и сол“ до денес, како и студиски фотографии, убаво се вклопија со неговата музика која одеше во позадина. Автори на фотографиите се Стефан Рајхл, Ангел Ситновски-Бојс, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ, а нешто е и од архивите на музичкиот историчар Тошо Филиповски и Владимир Мандичевски-Манде.

„Многу сум благодарен на оваа изложба и на сите кои ја организираа, затоа што зад неа стојат многу труд, комуникација и телефонски разговори и не беше лесно да ме убедат да се направи овој настан. Колку и да го држам моето его под контрола, секогаш ќе се најде некој кој ќе го нахрани. Дома имам огромна архива од моите настапи во изминативе 50 години, ова е само пет проценти од сликите“, кажа Стефановски.

Ова е само пет проценти од сликите од моите настапи, дома имам голема архива, рече Влатко Стефановски (Фото: К. Попов)

Стефановски и самиот се прошета низ неговото музичко патување, весело ги пречекуваше гостите и гледајќи ги сликите, се присети на моментот кога е направена една од нив, со „Леб и сол“ во Њујорк во 1991.

„Овде сме со ‘Леб и сол’ на Менхетн, се вративме од турнеја во Канада. Настапувавме во клубот ‘Си-Би-Џи’, кој веќе не постои. Тогаш сите големи бендови настапувале во тој клуб. И ова е тој момент пред настапот, ги мериме улиците на Менхетн. Отсвиревме многу значајни концерти, од кои подоцна се појави албумот ‘Во живо во Њујорк‘. Ова е аналогна фотографија, па се развиваше филм. Тогаш немаше мобилни телефони и дигитални слики. Јас носев некој апарат и најверојатно нѐ сликал Брацо Зафировски. Тоа е една од анегдотите, а ги има милион“, со насмевка ни изјави Стефановки и додаде дека во Њујорк бил 11 пати.

Стефановски и самиот се прошета низ неговото музичко патување (Фото: К. Попов)

Педесет години кариера тој ќе прослави со серија концерти во Македонија и во поранешна Југославија. Првиот е во Охрид, во Антички театар на 26 јули. На 14 декември Стефановски ќе има концерт во салата „Јане Сандански“ во Скопје, на 16 декември во Белград, а на 18 декември во Загреб.

М. ЏАРОВСКА