Македонскиот народен театар (МНТ) синоќа (25 јануари) го почна прославувањето на 80-годишниот јубилеј со премиерата на „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на култниот српски режисер Егон Савин.

Нушиќ е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета поставка на познатата драма на Нушиќ.
Првата поставка на „Народен пратеник“ премиерно е изведена на 8 мај 1945 во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ.

Поставена е уште еднаш, на 24 април 1993 во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави – се играше до 2008 со вкупно 188 изведби.

Савин на малата сцена во МНТ постави адаптација на мајсторот на комедијата и на сатирата Нушиќ, со скратен број на ликови кои зборуваат на староскопски дијалект, чија адаптација ја направи писателот Томислав Османли.

Публиката со голем аплауз ја поздрави екипата: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас) и група статисти.

Сценографијата е на Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.

Првата реприза е закажана за 30 јануари, а билетите се веќе распродадени.



Насловна фото: Актерите Нела Павловска и Предраг Павловски, ќерка и сопруг на Тања Кочовска. (Фото: К. Попов)