Манекенка која загуби нога во сообраќајна несреќа на 13-годишна возраст го освои третото место на изборот на Мис Италија, откако од интернет тролови беше навредувана дека се пријавила само затоа што е инвалид.
Осумнаесетгодишната Кјара Борди е избрана за втората придружничка на изборот во Милано, на кој актерката Карлота Маџорана ја освои круната. Борди гордо ја покажуваше својата протеза за време на изборот, прошетувајќи на пистата и во костим за капење. Таа е првата учесничка со вештачка нога која успеала да влезе во финалето на натпреварувањето.
„Мене ми недостига нога, но вам ви недостигаат срце и мозок“, им одговори Кјара на оние кои ја навредуваа преку социјалните мрежи.
„Постојат разни видови фрустрации и незадоволство зад таквото грдо однесување. Мене не ме интересира победувањето, туку да му покажам на светот дека животот може да биде убав и откако повторно ќе се родите по таков драматичен настан“.
Кјара Борди на Инстаграм се опишува себеси како бионички модел и вели дека би сакала да студира за ортопедски хирург.