Две бини и 15 изведувачи ќе донесе 26. издание на фестивалот Таксират, што се одржува денеска (7 декември) во арената „Борис Трајковски“, а програмата почнува во 20:45 часот.
Овојпат, музичката програма не е така разновидна како што знае да биде. Ексју сцената и електроника ќе бидат застапени на главната бина, а на другиот, смут стејџ ќе се слушаат главно хип-хоп и трап.
Најголемата ѕвезда на годинашниот фестивал е норвешкото електро-дуо „Рејксоп“ (фото), кое ќе настапи со диџеј сет. На главната бина се и „Елементал“ и Бејби Лазања од Хрватска, српските рок ветерани „Партибрејкерс“ и англискиот диџеј Хот Синс 82.
На другата бина настапуваат Огипсилон, домашниот трап колектив „ТДФУ аркејд“, Ружно паче, „Прти би џи“ и Смоке Мардељано, кој во последен момент го замени Едо Мајка.
Вратите се отвораат во 19:30 часот.