99-ГОДИШНИК СЕ НАЈДЕ НА ВРВОТ НА БРИТАНСКАТА ТОП-ЛИСТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Откако шетајќи во својата градина собра речиси 30 милиони фунти за британските здравствени работници, 99-годишниот воен ветеран Том Мур изведе нов подвиг и се најде на првото место на британската топ-листа како највозрасна личност на која ѝ успеало тоа.

Тој во дует со Мајкл Бол сними обработка на песната „You’ll Never Walk Alone“, која се продаде во 82.000 копии, што беше доволно да ја тргнат канадската суперѕвезда Викенд од врвот на листата. И средствата заработени од синглот ќе бидат донирани на Националната здравствена служба.

„Моите внуци не можат да поверуваат дека сум број еден. Ви благодарам на сите за поддршката“, кажа Мур.

Имајќи предвид дека неговиот роденден е следниот четврток, Мур ќе биде британски број еден и како стогодишник. Досегашниот рекордер Том Џонс беше на врвот на топ-листата со 68 години.

„Од еден Том на друг, ви честитам на соборувањето на мојот рекорд. Ако требаше да изгубам од некого, чест ми е што тоа сте вие“, порача сер Том Џонс.