Албум составен исклучиво од звуци на загрозени видови птици дебитираше во врвот на австралиската топ-листа, засенувајќи некои од најголемите музички ѕвезди. Насловен „Песни на исчезнувањето“, тој ги надмина албумите на „АББА“ и Викенд, но и божиќните хитови на Мајкл Бубле и Мараја Кери.

Создаден од организацијата „BirdLife Australia“, албумот го содржи пеењето на 53 загрозени видови птици во Австралија. За да се снимат некои кратки звуци, биле потребни неколку часа чекање.

Дејвид Стјуарт повеќе од 30 години снима ретко чуени звуци од дивиот свет на Австралија и токму неговите снимки од птици се искористени на албумот. Објавен на 3 декември, ова е прв албум од ваков вид кој се пласирал меѓу најдобрите пет на топ-листата. Приходите од продажбата на албумот ќе бидат искористени за конзерваторските проекти на „BirdLife Australia“.

Се проценува дека секоја шеста птица во Австралија има загрозен статус, односно 216 од 1.299 познати видови.