ПЕСНА НА РАПЕРОТ ЛОЏИК МОЖЕБИ СПРЕЧИЛА СТОТИЦИ САМОУБИСТВА, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Песна на американскиот рапер Лоџик, именувана според телефонскиот број за националната линија за спречување самоубиства, довела до зголемен број јавувања на овој број, покажа ново истражување.

Песната „1-800-273-8255“ зборува за некого кој се мачи со ментални проблеми и текстот преминува од порака дека не сака да живее во порака на надеж. Во спотот, кој има над 430 милиони прегледи на Јутјуб, млад геј маж се јавува на линијата откако трпи постојани злоставувања и самоубиствени мисли.

Ново истражување за ефектите на песната покажало дека имало зголемен број повици за помош по големи телевизиски настапи на Лоџик, како на наградите на Ем-Ти-Ви во 2017 и Греми во 2018. Во периодот по објавувањето на песната и изведбите на телевизија, десетици илјади луѓе зборувале за неа на социјалните мрежи и имало околу 10.000 повици на линијата за помош. Според истражувачите, ова е доказ дека бројот на самоубиства може да се намали ако медиумите се фокусираат на надежта и заздравувањето во времето на кризи.

Лоџик кажа дека песната е инспирирана од фанови кои му кажале дека неговата музика им го спасила животот.