Најубавите македонски народни песни, ги испеа Андријана Јаневска со „Митан проект“, сношти (7 јули) на летната сцена „Долни Сарај“ во Охрид, во рамките на на Етно фестивал- Охрид и Балкански фестивал на народни песни и игри.
Андријана Јаневска е повеќестрана успешна музичарка и професор, но една од работите во која кај публиката е омилена се народните песни, ги пее како за неа да се напишани. Репертоарот на концертот беше составен од најпопуларните и најслушаните народни песни, а нежниот и чист вокал на Андријана секогаш дава нова возбуда и уживање додека ги слушате, особено на сцената на „Долни Сарај“, со поглед на езеро. Познати се албумите „Македонски рози“ и „Приказна за едно моме“, кои ги продуцираше Мите Димовски. Првиот албум „Македонски рози“ е издаден во 2008, и во државите на поранешна Југославија е продаден во над 300.000 промероци.
Со искусни музичари во студиото и на сцената, „Митан проект“ функционира речиси 20 години. Дамир Имери на клавијатури, Илија Филиповски на виолина, Благојче Трајковски на кларинет, Александар Јовевски на кавал и тамбура, Мите Димовски и Андријана Јаневска добија големи аплаузи за новите верзии на „Битола, мој роден крај“, „Ој Вардаре“, „Сношти поминав“, „Си заљубив едно моме“ во сосема нова верзија на бис, и многу други.

„Сега е време за една охридска песна“, рече Андријана Јаневска и заедно со виолинистот Илија Филиповски, ја отсвире „Билјана платно белеше“. Во „Ој ти момче охриѓанче“, публиката најмногу пееше со неа, како и во „Македонско девојче“.
Андријана Јаневска е виолинистка во Операта и професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Лани на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ беше промовирана во докторка на науки. Таа пред 11 години почнала да собира народни песни одејќи низ селата во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Јаневска има и свое музичко училиште.
М. ЏАРОВСКА