„Апокалиптика“ им се врати на корените и на новиот албум и на актуелната турнеја ја стави „Металика“ во фокусот на своето музицирање. Така беше и на синоќешниот концерт во „Борис Трајковски“, трет за групата во Македонија, каде што финскиот квартет свиреше, а публиката пееше класици на „Металика“.
Перту Кивилаксо, еден од виолончелистите, кажа дека за разлика од првиот албум од 1996, сега им било далеку потешко да изберат кои песни ќе ги преработат зашто „Металика“ оттогаш сними многу нов материјал, па малку го бранеше вклучувањето на „St. Anger“ во репертоарот, свесен дека таа песна не им е меѓу омилените на фановите.
Триото виолончелисти овојпат беше засилено со тапанар, па звучеше уште помоќно и поверно на „Металика“. Еика, Паво и Перту, сите дипломирани музичари од академијата „Сибелиус“ во Хелсинки, до толку го имаат усовршено својот звук што на моменти не можеше да се разликува дали слушаш виолончело или електрична гитара. Тие се сензација каде и да настапуваат и македонската публика несомнено ги сака.
„Апокалиптика“ е фантастичен омаж на „Металика“ како еден од најзначајните и најголеми бендови во музичката историја и можност по малку потценетата метал музика да им се доближи на широките народни маси, на кои очигледно им е поприфатливо да слушаат тешки рифови отсвирени на виолончело отколку на гитара.
Концертот беше во организација на „Пасворд продукција“.
Г. КОНЕВ