„КАО КАКАО“ ЌЕ ГО ЗАТВОРИ ОХРИДСКО ЛЕТО И ЌЕ ГОСТУВА ВО БУДВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Мјузиклот „Као какао“ ќе го затвори фестивалот Охридско лето на 20 август, објави тимот на претставата. Точната локација ќе се знае дополнително.

На 19 јуни од 19:30 часот, мјузиклот ќе игра во Битола, на отворањето на Битфест во Центарот за кулутура, а на 23 август ќе се изведе на затворањето на фестивалот Будва град театар во Црна Гора.

Мјузиклот, кој е инспириран од музиката на Влатко Стефановски, досега имаше четири претстави во Македонскиот народен театар. Од „Баги комуникации“ велат дека сите претстави беа распродадени, а досега го гледале близу 3.000 луѓе.

Станува збор за мелодрамска љубовна приказна сместена во 1970-тите, каде што љубовта и амбицијата се судираат со ограничувањата на времето. Музиката на Стефановски е вградена во самата драматургија, при што познатите композиции стануваат дел од сценскиот јазик.

Продуцент на проектот е „Баги комуникации“, во копродукција со МНТ. Текстот го напиша Венко Андоновски, режијата е на Дејан Пројковски, аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а сценографијата на Валентин Светозарев. Костимите ги изработи Марија Пупучевска, а вокална менторка е Ана Костадиновска.

 

Главните ликови Дона и Џими ќе ги толкуваат младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ (фото).

Играат и Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски

Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и Анастасија Митровска.

Фото: СМАРТ СДК.МК