АСТРОНАУТ СЕ ВКЛУЧИ ВО КОНЦЕРТОТ НА „КРАФТВЕРК“ ВО ШТУТГАРТ

Штутгарт, (АП)

Концертите на „Крафтверк“ се секогаш проследени и со спектакуларно визуелно шоу, но пионерите на електронската музика во петокот отидоа чекор понапред во Штутгарт.

Европската вселенска агенција објави видео кое прикажува како германскиот астронаут Александер Герст се вклучува во живо во настапот на „Крафтверк“ од Меѓународната вселенска станица.

Користејќи таблет компјутер со виртуелен синтисајзер, Герст и „Крафтверк“ заедно ја отсвиреа „Вселенска лабораторија“, хитот на групата од 1978 година, на огромно воодушевување на 7.500 посетители на Џез фестивалот во Штутгарт.

Герст во јуни замина на својата втора мисија во вселената и на станицата ќе остане до средина на декември.

Тој, сепак, не е првиот астронаут кој настапил од вселената, откако Канаѓанецот Крис Хедфилд го направи тоа со групата „Бернејкд лејдис“ во 2013 година, додека се наоѓаше 400 километри над Земјата.