По американскиот музичар Алвин Јангблад Харт, Котон блуз фестивал го објави второто странско име за своето јубилејно петто издание, што ќе се одржи во салата на културно-едукативниот центар „Лабораториум“ во Скопје на 28 ноември. Станува збор за триото на австралискиот гитарист Роб Тоњони, кој го вклучи и Скопје во својата актуелна светска турнеја, на која го промовира новиот албум.
Шеесет и тригодишниот Тоњони важи за еден од најдобрите блуз гитаристи на денешнината, кој во својата музика комбинира класичен рок, блуз и блуз рок.
Од Котон блуз фестивал велат дека тој досега снимил 27 албуми и соработувал со бројни музички легенди, меѓу кои и Стинг, Питер Грин и „Зи-Зи топ“.
(Фото: Фејсбук)