Младински културен центар во Скопје беше претворен во богохулен храм како што го нагости австрискиот бенд „Белфегор“ (Belphegor), неприкосновениот предводник на блек/дет метал жанрот. Превртени крстови, факели, животински черепи, мирис на темјан…, концертот организиран од „Терорвоид“ беше музичко-сценски спектакл кој надминува сѐ што досега имаше етикета на екстремно, шокантно и контроверзно.
Љубителите на металот долго го посакуваа доаѓањето на овој бенд во Македонија и добија несекојдневно доживување. „Белфегор“ е „дете“ на пејачот и гитарист Хелмут Ленер, чие присуство ја држи целата тежина на настапот на групата.
Концертот беше сѐ она што се очекува од „Белфегор“: брутален, атмосферичен звук кој побавните делници ги прави еднакво моќни како брзите, комбиниран со мрачна, ритуална сценографија. Недостигаа само придружните вокали на Серпент, единствениот друг постојан член на групата, кој не е на турнејата од здравствени причини.
Место првично најавените четири бенда, публиката во МКЦ виде само два: прво откажа „Monuments of Misanthropy“ од семејни причини, а во последен момент и „Confess“, зашто еден од Иранците во групата немал виза за влез во Македонија.
Така пред „Белфегор“ настапи само „Malevolent Creation“, едни од ветераните на американската дет метал сцена, кои се вратија во Скопје по 12 години, сега со нов фронтмен. Имаа рамноправно долг сет од 70 минути, но ни приближно до енергијата на ѕвездите на вечерта.
Г. КОНЕВ