Саботна есенска дождлива вечер звучи како идеална подлога за блуз.
Првото блуз здружение во Македонија „Блуз фамилија“ ја организираше втората свирка од серијалот „Бекјард сешнс“, преку кои го промовира премиерното издание на акустичниот „Котон блуз фестивал“, што треба да се одржи на пролет и ќе има хуманитарен карактер, бидејќи собраните средства ќе бидат донирани на Детска онкологија.
Не дека во Скопје нема блуз свирки, но концептот на „Бекјард сешнс“ е нешто повеќе од тоа, налик на социјален настан во опуштен и пријатен, по малку домашен амбиент, привлекувајќи публика од седум до 77 години.
Овојпат, „дворот“ беше кафулето „Амбрела“ во ГТЦ, а за блузот беа задолжени ветераните на македонската музичка сцена Венко Серафимов (гитара) и Љубиша Јовановски (вокал).
„Блуз фамилија“ е здружение кое обединува и музичари и фанови на блузот и до фестивалот во мај, „Ин д муд“, педијатарот Гого Паскалов и екипата планираат уште четири вакви сесии.