БРИТАНСКИТЕ РОК ЏЕЗ ВЕТЕРАНИ „СОФТ МАШИН“ ВЕЧЕРВА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Софт машин“, ветераните на британската рок и џез сцена и еден од највлијателните андерграунд бендови на своето време, вечерва за првпат гостува во Скопје, како градска сесија број 12, во организација на „3Гонга“.

Како и сите претходни, и овој концерт ќе се одржи во „Станица 26“, со почеток во 21 часот.

Често споредувани со „Пинк флојд“, „Софт машин“ ги има поставено стандардите за прогресивен, експериментален и психоделичен рок и џез рок и со тоа си обезбеди место меѓу највлијателните британски музичари на сите времиња.

Групата е оформена во 1966 во англискиот град Кантербери и по пауза од три децении, повторно почна да настапува од 2015 година. Во својата биографија има десет студиски албуми, од кои последниот е снимен во 1981 година.

Во Скопје доаѓаат во состав: Џон Етериџ (гитара), Рој Бабингтон (бас), Ник Франс (клавијатури) и тапанарот Џон Маршал, кој има најдолг стаж во групата, од 1971 година.

Цената на картите е 1.000 денари.