БРУС СПРИНГСТИН ЌЕ ПРОМОВИРА СЕДУМ НЕОБЈАВЕНИ АЛБУМИ СО 83 ПЕСНИ

САД, (Би-Би-Си)

Брус Спрингстин ги отвора своите архиви за да им дозволи на фановите да слушнат седум завршени, но никогаш објавени албуми. Снимките кои датираат од 1983 до 2018 година ќе „пополнат богати поглавја од широката временска рамка на кариерата на Спрингстин, нудејќи непроценлив увид во неговите живот и работа како уметник“, велат од „Сони мјузик“.

„Ја пуштам оваа музика за себе и често за блиски пријатели со години. Мило ми е што ќе добиете шанса конечно да ја слушнете. Се надевам дека ќе уживате“, рече Спрингстин.

Албумите ќе се најдат во комплетот од седум цедеа или девет плочи со наслов „Загубените албуми 2“, што ќе биде објавен во јуни. Ќе содржи 83 песни, од кои 74 никогаш не биле официјално објавени. Спрингстин рече дека пандемијата му дозволила да заврши сè што имало во неговиот трезор.

75-годишниот рокер неодамна вети дека ќе продолжи да настапува во живо „додека не се откачат тркалата“, но рече дека ги намалил настапите откако на неговата сопруга ѝ бил дијагностициран миелом, редок рак на крвта.

(Фото: Гети)