На 19 јануари, џез гитаристот Владимир Четкар ќе го издаде својот нов студиски албум „Let Us Be“ на сите дигитални музички платформи во светот.
Досега издаден само во Јапонија преку музичката куќа „P-Vine Records“, ова е четвртиот студиски албум на Четкар на кој тој се јавува како комплетен автор (композитор, аранжер, продуцент, текстописец, диригент и изведувач). Албумот е сниман во две студија во Америка, во Чикаго и Милвоки, со гудачки, дувачки и ритам секции.
Новиот албум на Четкар ќе се продава и во Македонија во музичката продавница „Чув де чув“ во Скопје.
Претходно, Четкар ни рече дека за Нова година бил на две места во Америка, во Чикаго и Сан Франциско. На 10 јануари ја заврши американската турнеја со шест конерти, кои ги одржа во декември и јануари.
Охридскиот музичар последниве години е повеќе во родниот град, а помалку во Америка, за разлика од порано, кога во САД беше поголемиот дел од годината.
„Ова ми е најидеалниот баланс досега: во Америка да одам за турнеи и студиски снимања, а во Македонија да бидам поголемиот дел од годината. Порано кога беше поинаку имав константно чувство на носталгија, а сега ми е тамам“, вели Четкар.