Д ФЕСТИВАЛ СЕ ВРАЌА ВО ДОЈРАН, АЛАРМ ФЕСТИВАЛ ВО ОХРИД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Како резултат на подобрувањето на епидемиолошката ситуација и укинувањето на речиси сите рестриктивни мерки, почна да се утврдува календарот на летните музички фестивали во земјава.

„Пасворд продукција“ потврди дека, по една година пауза, летово повторно ќе има Д фестивал во Дојран. Тој ќе се одржи на 13 и 14 август и засега нема информации дали ќе има гости од странство. Организаторите додаваат дека наскоро ќе бидат објавени сите детали.

На 31 јули и 1 август, во Охрид ќе се одржи фестивалот Аларм, при што е најавено дека на стадионот „Билјанини извори“ ќе настапат повеќе од 40 домашни изведувачи. Имињата на учесниците ќе почнат да се објавуваат од утре.

Фестивал со вакво име во минатото неколкупати се одржа во Охрид, во автокампот „Љубаништа“, последно во 2010.

Фестивалската сцена почна да заживува и во регионот, па во Крагуевац во изминатите денови се одржуваше Арсенал фест, додека Нови Сад повторно ќе биде домаќин на Егзит.