Дејвид Гета, еден од најуспешните продуценти на електронската музика, го продаде својот музички каталог на „Ворнер брос“ за деветцифрена сума. Францускиот музичар заработил 100 милиони долари од оваа зделка, во која се вклучени и идните песни.

Голем број музичари, како Боб Дилан, Пол Сајмон и Шакира, се решија на ваков потег за време на пандемијата.

Педесет и двегодишниот Гета е една од најзначајните фигури во поп и денс музиката во 21. век. Тој досега продал повеќе од 50 милиони албуми, а неговите песни се стримувани над 14 милијарди пати. Кариерата ја почнал како диџеј во Париз и Ибица, а првиот број еден хит во Велика Британија го имаше во 2009.

„Реткост е еден музичар не само да дефинира еден жанр, туку и да го трансформира. Дејвид го прави тоа веќе две децении. Тој и натаму има извонредно влијание врз еволуцијата на денс музиката и постојано промовира нови вокали“, соопшти „Ворнер брос“.