Австралиецот Кристијан Ли стана најмладиот освојувач на првата награда на најпрестижниот виолински натпревар на светот, именуван според легендарниот Јехуди Мењухин.

Десетгодишниот Ли од Мелбурн го подели првото место во јуниорската категорија со една година повозрасната Клои Чуа од Сингапур, на натпреварот што се одржа во „Викторија хол“ во Женева.

„Пресреќен сум што бев избран да земам учество на ‘Мењухин натпреварувањето’“, кажа Ли.

Тој почнал да свири виолина на петгодишна возраст и денес работи под раководство на д-р Робин Вилсон од Австралиската национална музичка академија во Мелбурн.

„Највозбудливиот дел од натпреварувањето ми беше можноста да запознам мои музички херои и омилени мајстори на виолината“, додаде Ли.

Како награда, тој доби 10.000 швајцарски франци и право на едногодишно користење на ретка италијанска виолина од британската компанија „Флоријан Леонард“.

Ова натпреварување беше основано од еден од најголемите виолинисти на 20. век, Јехуди Мењухин, во 1983 година.