ДЕТСКИОТ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ „ВЕСЕЛО ШТУРЧЕ“ ВО ШТИП СЕ ВОЗОБНОВУВА ПО 22 ГОДИНИ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Заборавениот детски музички фестивал „Весело штурче“ во Штип се возобновува по 22 години.

Овој фестивал се роди во 1995 и беше во рамките на „Макфест“, но по пет години згасна. Сега се враќа на иницијатива на професорите по музичка уметност Филип Стевановски и Ирена Крстевска-Стевановска.

„Ќе настапат над 40 учесници, од кои 24 се соло изведувачи, а останатите се дел од детскиот хор и детскиот бенд. Две композиции се во изведба на дуети. Повеќе од половина од учесниците се од Штип. Цела година работиме на овој проект, а посебно летоска, кога солистите имаа проби трипати неделно“, вели директорот на „Весело штурче“, Филип Стевановски.

Тој и неговата сопруга велат дека целата продукција се темелеше на снимање во живо. Има повеќемина познати автори, но и нови имиња и сметаат дека е создадена квалитетна музичка продукција. Фестивалот нема натпреварувачки карактер.

„‘Весело штурче‘ траеше само пет години, но беше посебна музичка новост и атракција за децата, но и за повозрасните. Тогашните околности направија да згасне во 2000 година. Мило ми е што се најдоа млади амбициозни музичари кои сакаат да го возобноват“, вели долгогодишниот директор на „Макфест“, Стојан Троицки.

Премиерата на фестивалот ќе се одржи утре во домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, со почеток во 19:30 часот. Билетите биле распродадени уште пред десет дена, па поради големиот интерес, организаторот најави претпремиера од 17 часот.

Т. ЈОВАНОВСКИ