Поп-ѕвездата Џастин Тимберлејк вчера го објави својот прв албум по скоро пет години, најавувајќи повеќе лични композиции инспирирани од неговите дом и семејство.
Триесет и шестгодишниот пејач и актер вели дека „Човек од дивината“, неговиот петти соло студиски албум, ќе излезе на 2 февруари, два дена пред Супербоулот, најгледаниот телевизиски настан на годината во САД.
Тимберлејк го претстави албумот со кратко видео на социјалните мрежи, во кое вели:
„Овој албум е навистина инспириран од мојот син, жена ми, моето семејство, но повеќе од кој било друг мој албум, од каде потекнувам. И тоа е навистина лично”.
Тимберлејк, кој доби син во 2015 година со својата сопруга, актерката Џесика Бил, израснал во близина на Мемфис, Тенеси, еден од главните градови на блуз и соул музиката.
Тимберлејк, еден од најпродаваните музичари во 21. век, и како соло артист и со бендот „Енсинк“, стана славен со електронскиот поп-звук, пред да влезе во аренби музиката.
Но, тој последниве неколку години повеќе се фокусираше на глума, а не на музика, а последна улога му е како спасувач и надежен млад писател во „Вртелешка“ на Вуди Ален.