ЏИПСИ ПАНК БЕНДОТ „ГОГОЛ БОРДЕЛО“ ДОАЃА ВО СКОПЈЕ ВО МАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот „Таксират“ објави уште едно музичко име што ќе настапи во рамките на неговата дваесетгодишнина, претставувајќи го концертот на „Гогол бордело“, што ќе се одржи на 29 мај во Младински културен центар во Скопје.

„Гогол бордело“ е американски колектив кој го популаризираше жанрот џипси панк, комбинирајќи ги панк рокот и ромската музика. Предводена од Украинецот Јуџин Хуц, групата беше формирана во Њујорк во 1999 година и досега има издадено седум студиски албуми. Тие важат за голема концертна атракција и зад себе имаат настапи на некои од најголемите фестивали на светот, како „Роскилде“, „Гластонбури“, „Коачела“ и „Лолапалуза“.

„Гогол бордело“ доаѓа во Македонија во рамките на турнејата, што го следи неговиот нов албум, што излезе во август годинава.

Дваесеттото издание на „Таксират“ почнува со 3Д-концертот на „Крафтверк“ на 27 февруари во Скопје.