ДОДЕКА ЈА ПЕЕВ „ПАТИШТА“ МИ СЕ ПОЈАВУВАА СЛИКИ ОД МОЕТО ДРУЖЕЊЕ СО ВЛАТКО ИЛИЕВСКИ, ВЕЛИ ТАМАРА ТОДЕВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Патишта“ е новата песна на поп-пејачката Тамара Тодевска, која ја напиша раперот Марко Маринковиќ-Слаткаристика. Тодевска, која ја сними песната во дует со јутјуберот Стефан Лазаров, вели дека баладата ја испеала за сите блиски луѓе кои не се повеќе со нас.

„‘Патишта’ е за сите наши драги луѓе кои повеќе не се со нас, но секојдневно се во нашите мисли и срца. Во спотот можете да видите илустрации од новинарот Зоки Фаци и од мојот Влатче, Влатко Илиевски. И на снимањето на спотот навистина почувствував длабока емоција, ми се појавија многу слики од другарувањето со Влатче низ годините, многу моменти и спомени кои остануваат вечно. Добро е што преку уметноста, преку музиката можеме да се потсетиме на овие луѓе, да оддадеме почит, а притоа да направиме нешто вредно и трајно, музичко дело кое останува и за новите генерации. Слушнете ја ‘Патишта’ и креирајте своја приказна за луѓето кои ви недостасуваат“, ни рече Тамара Тодевска.

Аранжманот за песната, која собра речиси.100.000 прегледи на Јутјуб за еден ден, е на Васил Ангелов, а Слаткаристика е автор на музиката и текстот. И тој се појавува во видеоспотот, што го режираше Владимир Гавриловски, а инустрациите ги нацрта Стефан Николовски.

М. ЏАРОВСКА