Легендарното австралиско дуо „Дед кен денс“ ќе настапи во Скопје следната година во рамките на својата европска турнеја, чии датуми денеска беа објавени. Групата ќе одржи не еден, туку два концерта во Македонскиот народен театар, кои се закажани за 23 и 24 мај.

Пејачката Лиза Џерард гостуваше во Скопје пред две години, заедно со бугарскиот женски хор „Мистери оф булгеријан воисис“.

Џерард и Брендан Пери ја основаа групата во 1981 и издадоа седум албуми, пред да се разделат во 1998. Групата повторно стана активна во 2011 и во меѓувреме сними уште два албума.

Комбинирајќи елементи на келтска, блискоисточна и африканска музика, како и грегоријанско пеење и мантри, „Дед кен денс“ е уникатна појава на светската музичка сцена, чии настапи во живо создаваат магична и хипнотичка атмосфера.

Организаторот „Пасворд продукција“ објави дека картите ќе бидат пуштени во продажба на 17 септември.