ДВА КОНЦЕРТА ВО ЕДНА ВЕЧЕР НА БИТОЛСКИОТ КАМЕРЕН ОРКЕСТАР НА 9 ДЕКЕМВРИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Битолскиoт Камерен оркестар ќе одржи два концерта во една вечер, на 9 декември од 19:30 часот во Центарот на култура во Битола. Концертите се со наслов „Лоша симфонија“ и „Дискополис“.

На првиот концерт ќе свири песни од „Продиџи“, „Депеш мод“, „Рамштајн“ и други, а ќе ги пеат Јасна Димитровска, Жарко Јакимовски од „Бекдор бенд“ и битбоксерот Огнен Димовски. Најголемите диско хитови ќе ги пее бендот „Sarah Mace & the Girlzz“ на концертот „Дискополис“. Во женската група се Сара Мејс, Теа Богатинова, Калина Велковска, Полина Тасева и Ана Петановска (фото).

„Ова ќе биде незаборавна вечер на контрасти и хармонија, патување низ два света, две музички енергии, две искуства што се надополнуваат и докажуваат дека во музиката не постојат граници. Таа е универзалниот јазик на светот кој спојува“, велат од Битолскиот оркестар.

Билетите чинат 500 денари.

Ж. ЗДРАВКОВСКА  

Фото: К. Попов