„Шарла рекордс“ го објави своето 16. издание како специјален проект на клучните членови на бендот „Бернајс пропаганда“, Кристина Горовска на вокал и Васко Атанасоски на гитара.
Во паузата меѓу два албума на нивниот матичен бенд, овој креативно-љубовен тандем создаде минииздание од две песни, од кои едната („Во ладна соба”) е посвета на неодамна починатиот американски музичар Грент Харт, а втората е авторска песна на Атанасоски.
Горовска и Атанасоски го истакнуваат делото на Грент Харт, тапанарот на култниот бенд „Хускер ду“, како голема инспирација и музичко влијание уште од нивните почетоци и со годините, тој однос се преточил во пријателство при неговите концертни посети во Скопје. Затоа и последниот поздрав до Харт е обработка на неговата песна од 1999 година, „Во студена куќа“, со адаптиран текст, потпишан од Кристина Горовска.
„Кристина Горовска и Васко Атанасоски – Во ладна соба ЕП“ е заедничко издание на „Шарла рекордс“ и на „Балкан велики“.