ЕДВАЈ ЧЕКАМ ПОВТОРНО ДА СВИРАМ ВО СКОПЈЕ ПО 18 ГОДИНИ, КАЖА ДАНИЕЛ НАУМОВСКИ ПРЕД НАСТАПОТ НА ШВЕДСКИОТ МЕТАЛ БЕНД „ШЕДОУВОРК“ НА ФЕСТИВАЛОТ ВОСТАНИЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Меѓу учесниците на претстојното осмо издание на фестивалот Востание, што ќе се одржи на 13 декември во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје, е и шведската метал група „Шедоуворк“ (Shadowork). Иако релативно нов бенд, со само едно студиско издание зад себе, „Шедоуворк“ ќе биде посебно интересен за домашната публика зашто половина од членовите доаѓаат од Македонија: пејачот и гитарист Даниел Наумовски и тапанарот Јордан Маленко.

Наумовски, поранешниот фронтмен на прогресивниот блек метал бенд „Сињак“ (Siniac), не крие дека едвај чека повторно да свири во Скопје по речиси 20 години пауза.

Последниот настап на ‘Сињак‘ беше на еден фестивал во Градски парк во почетокот на 2006, ако не се лажам. Се отселив во Шведска неколку недели подоцна и сѐ заврши некако набрзина. Оваа прилика да свириме на фестивалот Востание мене лично ми причинува огромно задоволство. Деветнаесет години поминаа откако последен пат стоев на бината во МКЦ. Првпат свирев на Февруарски рок поход во 1996 и оттогаш, сѐ додека не се отселив, МКЦ ми беше како втор дом. Фантастично е чувството да се вратам по толку многу години и да го презентирам ова што сме го создавале со ‘Шедоуворк‘“, вели Наумовски.

Популарниот Шведо вели дека никогаш не престанал да се занимава со музика откако замина од Македонија, но „Шедоуворк“ може да се смета за прв сериозен проект.

Имаше неколку обиди да направам бенд, но никако не успевав да најдам соодветни луѓе за тоа што јас сакав да го креирам. Дури околу 2017, кога го запознав гитаристот Виктор Јул, бендот почна полека да се формира, а наредната година случајно се најдовме со Јордан преку Фејсбук. Така почнавме и со проби, но долго време немавме басист, сѐ додека не го сретнавме Густав Бронелиус. На почетокот сакавме едноставно да свириме и да правиме музика како хоби. Откако се собраа неколку песни, некако природно се роди идејата за снимање и настапи во живо. Снимање цел албум е долг процес, па затоа прво снимивме миниалбум, ‘Born from Cinder‘, кој излезе во април годинава, а наскоро ќе снимаме и втор“, кажа Наумовски.

Шедоуворк“ е во манирот на мелодичен дет метал, што е значително отстапување од звукот на „Сињак“, чиј единствен албум „Timeless Gatherings…“ од 2001 денес ужива култен статус меѓу македонските металци.

„‘Шедоуворк‘ доста се разликува од она што го правев порано. Како млади не бевме дефинирани во тоа што сакавме да го правиме. Сѐ беше спонтана енергија и никој не знаеше како ќе звучи наредната песна на крај. И денес е така до некаде, ама сега знам кое чувство го барам во креативниот процес. Сите ние носиме една внатрешна темнина што може да биде огромен товар, но исто така дава сила. Треба само да се најде начин како таа темнина да се преработи и претвори во енергија. За мене, тој процес е музиката“, вели Наумовски.

Настапот на Востание ќе биде првиот поголем концерт на „Шедоуворк“ воопшто. Колку и да би сакале, Наумовски откри дека нема да свират песни од „Сињак“.

Имав желба да свириме некоја песна, ама времето што ќе го имаме на бина е доста ограничено, а бидејќи ова ќе биде првиот настап на ‘Шедоуворк’ во Македонија, сакаме да го презентираме она што е актуелно денес. Така што, ‘Сињак‘ во некоја следна прилика“, кажа Наумовски.

Г. КОНЕВ

Фото: Фејсбук