Единаесетгодишниот пијанист Андреј Цековски го доби златниот медал на гала свеченост во Њујорк откако во март освои прво место на Меѓународниот натпревар за млади музичари во Њујорк. Цековски победи во категоријата USA Classical Hobbyist.
Златниот медал и пехарот на Цековски му беа врачени на гала вечерта на победниците во Центарот за класична музика „ДиМена“. Жирито на натпреварот ги истакна исклучителната музикалност на Цековски, техничката сигурност и неговата уметничка зрелост.

На сцената на „ДиМена“ тој настапил заедно со победниците од останатите категории – млади музичари од Австралија, Канада, Кина, Полска, САД, Украина, Мексико, Романија, Црна Гора и Турција.
Цековски е ученик во шесто одделение во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, Негов наставник по пијано е Марија Диманин-Богоевска. Пијано почнал да учи на четиригодишна возраст. Тој е ученик во шесто одделение и во основното училиште „Блаже Конески“ во Скопје.