ЕДВАЈ МОЖАМ ДА ГИ ДРЖАМ ПАЛКИТЕ ПОРАДИ НАРУШЕНОТО ЗДРАВЈЕ, ВЕЛИ ФИЛ КОЛИНС

Лондон, (Би-Би-Си)

Легендарниот британски музичар Фил Колинс вели дека едвај може да ги држи тапанарските палки поради нарушеното здравје, како последица на што е принуден да седи додека пее на настапите во живо.

Седумдесетгодишниот Колинс во интервјуто за Би-Би-Си признава дека го фрустрираат предизвиците со кои се соочува. На него му беше опериран грбот во 2009 и 2015 година, што му се одразило на нервите и исто така е дијабетичар.

„Се соочувам со многу физички тешкотии и тоа многу ме фрустрира, зашто многу сакам да сум на сцена. Едвај можам да држам палки“, изјави Колинс во пресрет на повратничката турнеја на неговиот бенд „Џенезис“.

Тоа ќе бидат првите настапи на „Џенезис“ по 14 години пауза, а Колинс на тапаните ќе го менува синот Ник.

Колинс, кој во 1980-ите имаше успешна соло кариера со голем број хитови, објави пензионирање од музиката во 2011, но се врати на сцена шест години подоцна. Тој ја опиша претстојната турнеја на „Џенезис“ како проштална.

„Сите ние сме веќе стари луѓе и мислам дека со ова ја ставаме групата на спиење“.