Фил Колинс емотивно се прости од фановите по концертот во лондонската арена „О2“, објавувајќи дека тоа му бил последен настап во живо со групата „Џенезис“, а можеби и воопшто. Легендарната британска група со тоа ја заврши својата прва турнеја по 14 години пауза, на која Колинс пееше седечки поради нарушеното здравје.
Седумдесет и едногодишниот Колинс неодамна призна дека по операцијата на грбот веќе не може да ги држи тапанарските палки, а боледува и од дијабетес.
„Сега ќе мора да си најдам вистинска работа“, им кажа Колинс на фановите.
Него на тапаните го менуваше синот Ник.
Фил Колинс беше еден од основачите на „Џенезис“ во 1967 и во првите години беше тапанар и пратечки вокал. По заминувањето на Питер Габриел, од 1975 беше и главен пејач, а во 1980-ите имаше и успешна соло кариера.