Хрватската поп-ѕвезда Нина Бадриќ ќе одржи концерт во Скопје на 27 април во Филхармонијата од 20 часот во организација на „Евентум“. Лани во октомври имаше полн концерт во истата сала.
Бадриќ ја испеа нејзината верзија на песната „Не кажувај либе добра ноќ“. Преработката на песната од Наско Џорлев е на браќата Тавитјан, а таа ја испеа на нивниот албум „Македонското срце чука во 7/8“ од 2012. Народната песна ја остави за бис, па се расплака додека фановите ја пееја заедно со неа.
„По долго време повторно ја пеев оваа песна, која ми беше многу малку позната кога од браќата Тавитјан добив понуда да ја препеам. Мислам дека таа беше вистински избор за мене и мојот вокал, полн погодок. Едно е кога си ја потпевнувам сама, а друга приказна е пред полна сала со публика која ме следеше како хор. Тоа беше еден незаборавен и исклучително емотивен момент од минатиот концерт во Скопје“, вели Нина Бадриќ.
Бадриќ вели дека никогаш не правела компромис за музичкиот стил и изборот на песни кои сама ги пишува.
„Секое лето сум на островот Хвар, каде што имам куќа. Најсреќна сум што таму не морам ништо да правам, а ако се погоди да имам настап или снимање, го прекинувам одморот на кусо и повторно се враќам на море. Возам велосипед, готвам и се дружам со пријателите. Тој едноставен живот ме инспирира, па дел од песните ги имам напишано на Хвар. Најдобрата промена кај мене е што почнав да се хранам здраво и вегетаријански и ги отфрлив луѓето кои ми создаваат негативно чувство. Ги исфрлив и месото и лошите луѓе“, ни рече Бадриќ, која пред 13 години се разведе од бизнисменот Бернард Красниќ.
Нејзината песна „Денови и години“ (Дани и године) е песна на која најчесто се игра првиот свадбен танц во Хрватска.
„Многу млади ми праќаат видеа на социјалните мрежи од првиот танц од нивните венчавки. Се радувам што луѓето токму со неа сакаат да го одбележат тој посебен ден“, вели Бадриќ.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К.Попов