ГОЦЕ НАУМОВ ОДРЖА КОНЦЕРТ СО АРХЕОЛОШКИ АЛАТКИ НА НЕОЛИТСКИОТ ЛОКАЛИТЕТ ВРБЈАНСКА ЧУКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сезоната на ископувања на неолитскиот локалитет Врбјанска Чука во Прилепско традиционално беше затворена со концерт. Овојпат, за изведбата беше задолжен еден од учесниците во истражувањето, археологот Гоце Наумов, кој истовремено е еден од најценетите македонски џез тапанари.

Во духот на џезот, настапот на Наумов беше импровизација и моментална инспирација, а самиот тој не го нарекува концерт, туку перформанс. Она што овој негов 40-минутен настап на зајдисонце го направи уникатен е што како инструменти му послужија археолошки алатки.

Специјално за концертот беше дизајниран нов инструмент – шпаклофон

„Веќе седум години секое лето работам на овој локалитет и така дојдов на идеја и да свирам тука“, вели Наумов.

Инструментите беа поставени на повеќе места во археолошката сонда, при што Наумов свиреше на колички за земја, мистрии, лопати, кофи, канти, како и на шпаклофон.

„Овој инструмент беше специјално дизајниран за оваа прилика од колегата Христијан Талевски. Шпаклофонот всушност беше скала, на која беа приврзани десетина шпакли, мистрии, пили и гребло“, вели Наумов, кој подготвува нов албум со џез групата „Сетстет“.

Настапот на Наумов на Врбјанска Чука беше вклучен и во програмата на Прилепскиот џез викенд.

Г. КОНЕВ