Игор Џамбазов ќе одржи концерт во Охрид на 19 јули, во Антички театар од 21 часот, објави продукцијата „Фреш унион“.
„Публиката ќе има можност да го слушне најдоброто од Игор Џамбазов. На сцената ќе го придружува неговиот блуз соборец Гуру Харе со својот бенд. Бидејќи концертот е ‘Најдоброто од’, ќе се снима и ќе биде прикажан на една од домашните телевизии“, велат организаторите.
„Диши длабоко“, „Да си жив и здрав“, „Каква е оваа ситуација“, „Скопјанец в Битола“, „Скопје-Сарај-Матка и обратно“, „И племето и семето“, „Труба”, „Време за плачење“, „Во бестрага“ се дел од хитовите кои ќе се пеат, како и песни од новиот албум „Првите триесет“.
„Дојран ми ја донесе третата младост, оти две веќе потрошив. Уживам овде, навистина“, рече Џамбазов за СДК.МК.
Тој веќе неколку години себеси се нарекува дојранчанец со привремена работа во Скопје. Мирниот живот крај езеро му годи на актерот. Во завршна фаза е изградбата на неговата куќа над центарот на Дојран, со поглед на езеро.
Влезниците за концертот во Охрид ќе бидат во продажба од 4 јуни преку мрежата на Мк тикетс.