ИЗГУБЕНА ПЕСНА ОД ФРЕДИ МЕРКЈУРИ ПРЕМИЕРНО ПУШТЕНА ПО 33 ГОДИНИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Досега неслушната песна од Фреди Меркјури премиерно беше пуштена на „Би-Би-Си радио 2“ по десетгодишна потрага по оваа загубена снимка.

„Времето не чека никого“ (Time Waits For No One) оригинално беше направена за мјузиклот „Време“, премиерно изведен на Вест Енд во 1986 година и во тоа време беше издадена верзијата во којашто фронтменот на „Квин“ е придружуван од низа пратечки вокали. Сега е откриена рана верзија на песната, со поинаков вокал и со пијано мелодија.

Песната ја напишал Дејв Кларк од поп групата од 1960-ите „Дејв Кларк фајф“, кој вели дека демото имаше квалитет што ѝ недостигаше на финалната верзија.

Кога првпат ја снимивме, отидов во ‘Еби роуд‘ и направивме верзија само со пијано и со гласот на Фреди. Тоа беше вистинска магија, ме полазија морници. Потоа ги додадовме сите тие пратечки вокали и беше феноменално, но, сепак, чувствував дека има нешто посебно во оригиналната снимка“, вели Кларк.

Тој ја нашол снимката во 2017 година и откако го изолирал гласот на Меркјури, одново го снимил пијано делот со оригиналниот клавијатурист Мајк Моран.

Кларк го запознал Меркјури во 1976 година и останаа пријатели до неговата смрт во 1991. Токму Кларк бил во собата покрај Меркјури во моментите кога тој починал.